ВИСТИНСКА НЕЗАВИСНОСТ
Меѓународни кредитори ќе ја помагале Македонија со “помош” од четри имилијарди евра да се ослободи од зависноста од произведување на струја од јаглен, односно во блиска иднина да ги затвори електраните во Битола и Осломеј, и струја да добива од обновливи извори на енергија.
Она што меѓународните добродушници не го кажуваат е дкеа не се работи за никаква помош, туку за кредити, кои сите ние ќе треба да ги отплаќаме, а по која каматна стапка, овие меѓународни ангели не ни кажуваат. Двете електрани произведуваат осумстотини мегавати струја или дури четириесет проценти од нашата потрошувачка и тоа без во нив да е вложено со децении. Невложувањето не е случајно, бидејки увозот на струја во Македонија е лукративен бизнис за политичките квази елити вреден неколку стотици милиони евра годишно. Како ќе се субституираат четириесет проценти производство не е докрај јасно, но се смета дека обновливите извори на енергија, согласно плановите, ќе произведуваат илјада и седумстотини мегавати, што е речиси целокупната потреба на Македонија. Јас сум лаик на темата, но дури и како лаик можам да опсервирам дека обновливите извори, за разлика од погоре споменатите електрани, не можат да работат 24/7.
Едноставно ветер не дува постојано, сончевите денови се само во половина од годината, водата не може да има таков капацитет. Би сакал да чујам релевантни, но пред се домашни експерти на темата, бидејки на странските, кои се често финансирани од оние кои планираат да го приграбат бизнисот со обновлива енергија, не баш целосно им верувам. Она што неминовно ќе биде последица доколку пристапиме кон оваа транзиција е дека целосно ќе ја изгубиме и оваа каква-таква енергетска независност која ја имаме денес, макар и парцијална. А тоа секако ќе се случи бидејки нашите политички лидери се корумпирани послушници. Странциве ќе им фрлат коска во форма на дел од бизнисот и тоа е тоа. Електраните во Битола и Осломеј се наши, додека капацитетите на обновлива енергија кои се планираат, еве времето ќе покаже дека НЕМА да бидат. Една земја, колку год да е мала или голема, не може да биде во целост и суштински независна доколку не биде енергетски независна. Доколку самите не сме господари на нашите природни ресурси, доколку немаме капацитет да самите произведеме доволно струја за да не зависиме од никому, најмалку од странски фактор, од нас независни не бидува.
Словенија со својот Устав како највисок правен акт ја гарантира недопирливоста на своите водни извори, и во Словенија не може странци или домашни хохштаплери да градат мини хидроцентрали и да го уништуваат овој витален природен благослов. Нашиот Устав е многупати менуван во насока на подобрување на лични права, етнички и културолошки. Кога веќе тој дел е апсолвиран, апсолутно се залагам дека следните промени на Устав не треба да бидат во насока на инклузија на непостоечки етнички групи како корпус туку во насока на заштита на нашите води, природни руди и богатства и енергетски ресурси. Само така ќе бидеме во можност да имаме ВИСТИНСКА НЕЗАВИСНОСТ!!!