ТАКСИРАТ претставува: ХЛАДНО ПИВО пристигнува во Скопје, со последната турнеја на бендот
  Објавено на
share

 

ТАКСИРАТ претставува:
ХЛАДНО ПИВО пристигнува во Скопје, со последната турнеја
на бендот

Во недела на 9 октомври, „ХЛАДНО ПИВО“, еден од најзначајните панк-рок бендови во регионов ќе одржи концерт во скопскиот МКЦ, во склоп на серијата настапи пред, како што најавуваат, подолгата концертна пауза на бендот. По оваа турнеја, фронтменот Миле Кекин во следните години ќе се посвети на соло-кариерата, додека останатите членови од групата, Младен Субошиќ Суба, Зоран Субошиќ Зоки, Милко Киш Деда и Крешимир Шокец Шоки, ќе продолжат заедно да работат преку проектот „Герила Меинстрим“.
 
Концертот на „Хладно Пиво“ е воедно дел и од низата настапи на актуелната, исклучително успешна турнеја насловена „35 за 35“, со која групата обележува три ипол децении постоење. На 9 октомври, како дел од програмата на годинашниот Таксират Фестивал, легендарниот хрватски панк-рок бенд се враќа во МКЦ по цели 5 години од нивниот последен, распродаден концерт тука.
 
По распродадените два настапи на „Дед Кен Денс“, потоа и неодамнешниот на Ману Чао, ова е четврти концерт во рамки на програмата на Таксират 2022, а според интересот на публиката се чини дека и овој ќе ја продолжи низата како целосно распродаден. Имено, за концертот на ХЛАДНО ПИВО во Скопје останати се уште едвај 200 билети, достапни за купување онлајн или во продажните места на МкТикетсВлезот за посетителите ќе биде отворен во 20:00 часот, а почетокот на концертот е закажан во 20:30 часот.


 
„Хладно Пиво“ е еден од највлијателните хрватски бендови кој се појави на сцената во 1987. Големата слава ја стекнаа во деведесеттите години кога се здобија и со статус на најдобар панк-рок бенд во Хрватска, а одличните настапи, уникатните текстови и општествено-политички ангажираните ставови во нивните песни и настапи придонесоа за нивниот култен статус „на овие простори“. Во својата кариера продадоа 60 000 копии од своите осум албуми, а за своето творештво добија многу награди од кои се истакнува освојувањето на осум „Порин“ и две „Црна мачка“ награди. „Хладно Пиво“ своите концерти ги одржаа и ширум Европа, а во последните неколку години настапуваа претежно на големите фестивалски бини.
 
Во оваа последна „тура“, ХЛАДНО ПИВО не ја одминува Македонија, а со својата верна публика за подолго време ќе се поздрави на неколку концерти низ регонов кои покрај Скопје ги вклучуваат и Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, додека последниот настап пред најавената пауза ќе биде на 29 октомври во најмалиот град на светот, истарскиот Хум.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани