Од нас зависи … на Мечкин Камен
Автор: Јанко Илковски   Објавено на
share

 

Од нас зависи … на Мечкин Камен

Да сте ми живи и здрави, драги мои, драги мои… Се доведовте во оваа состојба која наликува како финалето на филмот Пијанист? Сега? Шчо праиме? Или да го симнеме да го гледаме Mалиот Голем Човек од 1970?

Не, не сум паметен треба ли или не, вака или онака, сега или минал возот… скоро 20 години говорев што говорев и луѓето кои ме знаат добро и ме среќаваат или ми пишуваат или со гушкање ми велат – во право сум бил. Мислите ми импонира? Мислите дека ми е некаква сатисфакција? Мислите се гордеам? Мислите ми значи нешто што сум бил во право? Не, тие себично самобендисани мубаети ми се гадат, затоа органски не можам да поднесам помислата кога за нешто лошо сум бил во право. Има други ликови кои се препелкаат во својот измет. Само дегенереик може да се фали и гордее со тоа… бљак… А, укажував само за да не дојде до ова, а ова, сега, ништо не зависи од нас. Фала ви прекрасни луѓе, но Танос очигледно кликнал со прстите кога е во прашање што и како ќе биде со нас. А, што ќе биде, сите знаеме, за едните лошо – за другите добро, важно повторно сме поделени, длабоко, уште подлабоко меѓу себе како народ, нација, држава со повици за палења и ликвидации. Ова им оди само во корист на корумпирани политичари, криминалци и новинари.

Се прашувам дали песната на Каролина од 2002 , а која како познавачи на македонската музика и сакачи и плукачи по македонските музичари, воопшто го паметите, дека ова било на Евровизија и дека било 2002 година? Се прашувам, и се думам, се премислувам или прелестувам, дали се уште, нешто, зависи од нас?

Гледам, пропалитети од политичари – паразити и новинари екс-рекетари билдаат патроитизам и вис верса, новокомпоновани уличари – политичари и новинари нео-рекетари билдаат интернационализам. Револуционерите тргнаа во борба со наведната глава над мобилен и со огромна храброст, не штедејќи ги палците, постираат ли постираат, не штедат битови и ботови. Едните ЗА, другите ПРОТИВ. Вака ќе се борите? Ок, вие си знаете.

Дечки да не е малку „ту лејт“? Или сум „вронг“? Пак ви велам, не знам, но како и да е, следната колумна ќе биде драматично тешка, бидеејќи ми клокоти одвнатре, Полански ми е инспирација и трагедијата на еден народ за следната тирада.

Сега, само си  ги потпевнувам овие стихови кои некако, како плевел изникнуваат од едно дамнешно, а блиско време, кога и можевме да направиме разлика, ние самите, како народ. Арно ама, неподносливата леснотија на битисувањето во македонската политика и народот како постојан поддржувач на истите, сега се на последното упориште. Сега сме на Мечкин Камен. А, таму знаете како завршува, херојски вака-така, смртта/промената е неизбежна, дали од нас зависи…најдете си ги одговорите. Какви кретени не’ доведоа до ова и кој ги поддржуваше? И политичари и новинари! Само пазете, сите сме суети до небо и никој нема никогаш да признае вина – но, затоа ќе обвинува секој кого ќе стигне, со пишанки кои звучат патриотски или европски, а во суштина се мрестат за лична корист, како и досега.

Преслушајте се и самокритично одговорете си како се доведовте до ова. Дали знаевте? Дали ви беше кажано? Укажано? Посочено? И кога некои кажуваа, како вие реагиравте? Не, лајковите не се важат. Копи-пастето не се важи. Гласот во кутивче се важи. Како гласавте досега?

Да вадам уште еден текст од Каролина? „Ѕвона Ѕвонат“? Или да го прераскажувам Хемингвеј? И уште некој верува дека било што зависи од нас? Сите сме за жалење, до еден.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани