Правобранителот јасно утврдил дека Камчев десет дена бил подложен на нехуман и деградирачки третман!
  Објавено на
share

Со кого се караат затворските власти? Со фактите?! Правобранителот јасно утврдил дека Камчев десет дена бил подложен на нехуман и деградирачки третман!

Со нејасни „реакции“ и „деманти“, Управата за извршување санкции врши притисок и врз медиумите што известуваат за тортурата врз притвореникот Орце Камчев. Вака ли Македонија ги штити човековите права на притворениците? Вака ли се третира извештај на независната институција Народен правобранител?

 
 

Кого демантира Управата за извршување на санкции, кога тврди дека притвореникот Орце Камчев добива третман како секое друго притворено лице во Северна Македонија?

„Управата за извршување на санкции најкатегорично ги демантира информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на притвореникот Орце Камчев. Притвореното лице е сместено само, а досега врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повика и Брзата помош“, се вели во реакцијата на оваа институција.

Коза лаже, рог не лаже – еве што утврди правобранителот Зибери

Дел од медиумите веќе го објавија писменото известување на Народниот правобранител Насер Зибери, заведено под НП бр. 655/21 од 30 март оваа година, во кое прецизно е напишано следново. Цитираме:

„Народниот правобранител при посетата изврши увид и на просторијата во која што притвореното лице (Камчев – н.з.) било сместено во првите десет дена од издржувањето на мерката притвор и беспоговорно констатира дека сместувањето во таква просторија го смета за нехуман и деградирачки третман врз задржано лице“.

Еве го Известувањето на Народниот правобранител:

 

Да повториме. Правобранителот беспоговорно – значи, без никакво колебање! – оценил дека цели десет дена притвореникот Орце Камчев бил подложен на нехуман и деградирачки третман, бидејќи бил сместен во просторија под сите стандарди. Значи ли ова дека Управата за извршување санкции ги демантира наводите на Народниот правобранител?

Камчев десет дена во неподносливи услови, во ќелија „два со два“

Според одбраната, од денот кога бил спроведен на издржување на овде наведената мерка притвор во КПУ Затвор Скопје-Скопје, односно од 14 март 2021 година, Камчев бил сместен во притвореничка просторија која била со димензии од 4 метри квадратни, односно 2 х 1,80 метри. Во оваа квадратура влегува и површината под креветот и делот наменет за вршење на физиолошки потреби. Во оваа просторија нема спроведено вода за основни потреби, односно нема чешма, а нема ни санитарен јазол, туку само некаква импровизирана дупка во подот за извршување на физиолошките потреби. Оваа дупка во подот била затната и полна со фекалии, кои буквално се разлевале по подот. Притвореникот побарал од надлежните затворски власти да се одзатне и да се исчисти тој импровизиран санитарен јазол, бидејќи неговиот престој при такви услови бил целосно неподнослив. Но, управата на затворот не обрнала внимание на секојдневното инсистирање на притвореникот.

Ѕидовите на спорната просторија се само со тули, а подот е од бетон. Просторијата постојано е влажна и мувлосана, бидејќи нема доток на свеж воздух. Ваквите неподносливи услови кај притвореникот можат да предизвикаат и кобни последици, бидејќи тој веќе има дијагностициран генетски наследен синдром на висок холестерол, со висок ризик од срцев удар. Трагично е тоа што малата просторија во која бил сместен Камчев десет дена има мал прозорец високо на ѕидот, но притвореникот физички не можел да има пристап до прозорецот. По секојдневното инсистирање на Камчев, тоа прозорче било отворено дури после неколку дена од неговото сместување и било оставено отворено само за кратко.

Зибери побарал ќелијата на Камчев и неколку други веднаш да се затворат и да се реновираат

Во Извештајот на Народниот правобранител јасно пишува дека Зибери побарал ќелијата во која бил сместен Камчев, како и неколку други простории во затворот, веднаш да бидат реновирани, а во меѓувреме да бидат затворени и да не се употребуваат за сместување на притворени лица.

Може ли Управата за санкции да објасни на што мисли кога вели дека Орце Камчев добива третман како и секое друго притворено лице? Дали ќелијата „два на два“ е третманот што го добива „секое притворено лице“ во Македонија? Ако третманот на Камчев бил задоволувачки и ако немало тортура, односно нехуман и понижувачки однос, како што беспоговорно констатира Народниот правобранител, зошто Камчев (очигледно под притисок на одбраната, на јавноста, но и на омбудсманот), после десет дена сепак бил сместен во чиста просторија од 11,9 метри квадратни, со соодветен доток на чист воздух, вода и дневна светлина?

Одбраната тврди дека тортурата во затворот е несомнен деказ дека целта на спорното притворање на Орце Камчев е исклучиво за казнување на жалителот во форма на негово директно изложување на ризици опасни по неговото здравје, што се сведува на нехуман и понижувачки третман од страна на надлежните државни власти.

Ќе има работа за судот во Стразбур

Одбраната на Камчев се повикува на релевантни меѓународни правни стандарди за оваа област, вклучувајќи ги тука и Европската конвенција за спречување на тортура, Европската конценција за човекови права, а посебно важните Европски затворски правила и Препораката бр. R (98) 7 во врска со етичките и организациските аспекти на здравствената заштита во затвор, усвоена од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа на 8 април 1998 година.

Ова се само дел од аргументите со кои одбраната на Камчев ќе настапи пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, повикувајќи се на базичниот стандард кој вели дека „никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување и казнување“ (член 3 од Меѓународната конвенција за човекови права).

Наместо да се занимава со „реакции до јавноста“ и со бесмислени деманти на прецизните констатации на Народниот правобранител за состојбата во затворот во Шутка, подобро е Управата за санкции да се погрижи да се исполнат препораките на Насер Зибери, не само во интерес на притвореникот Камчев, туку и во интерес на сите други притвореници.

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани