Дедо Наум – Домот на нашето ЈАС!
  Објавено на
share

 Дедо Наум – Домот на нашето ЈАС!

Закхеј (13.02.2021 17:03)

Колкумина се навистина подготвени да се откажат од своето славољубие, од својата лажна слава; и колкумина се подготвени да изгледаат бедно или да служат за потсмев заради Господ Христос, и заради можната средба со Него?

Началникот на митарите, Закхеј, токму тоа го направил и токму на тоа се надевал трчајќи напред и качувајќи се на смоквата.

Тоа е тој однос на дете.

Но, тоа нема да остане незабележано и невозвратено од Оној Кој сè гледа и Кој ги познава срцата на сите – Богочовекот Христос, Кој му се обраќа по име:

Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“.

Закхеј сфаќа дека неговото срце, односно неговите име и личност со сите тајни мисли и желби, како и копнежот да Го прими во својот дом, се откриени.

И тој веднаш слезе – знаејќи веќе преку својата оправдана и засилена вера многу добро и Кој го повикува и Кого треба да прими во својот дом – и Го прими со радост.

И се радуваше, како што човек може да се радува на постојаната благодат.

И сите [кои високо мислат за себе и кои од завист судат и осудуваат], кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде во куќата на грешен човек“.

Но Закхеј, со своето вистинско, делотворно покајание, го оправда присуството на Богочовекот Христос во својот дом – А Закхеј застана и Му рече на Господ:

„Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам“.

Ослободувајќи се во доволна мера од страста славољубие и во доволна мера од страста среброљубие, човекот, вообичаено, во доволна мера се ослободува и од страста сластољубие, а срцето доволно очистено од страстите благодатно се отвора.

Спасението е секогаш поврзано со отворањето на срцето – домот на нашето јас, со актуализацијата на благодатта на Крштението и со просветлувањето на умот, т.е. со умно-срдечната молитва – макар и во последните моменти од нашиот живот.

Така јас ги разбирам Господовите зборови, со коишто Тој ја потврди новата духовна состојба на Закхеј – просветлувањето:

Денес дојде спасението на овој дом…

Оти Синот Човечки дојде да ги побара и спаси грешните, а не – „праведните“, т.е. грешните што сакаат да се спасат, а не – „спасителите“.

Господи Исусе Христе, влези и во нашиот дом и спаси нe!

Митрополит Струмички Наум




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани