За сите вас што сте затечени
  Објавено на
share

 

Гоце Панговски фб статус

 

За сите вас што сте затечени од вчерашните (23.01.2021) непримерни изјави во врска со употребата т.е. рестрикцијата или бришењето на придавките „македонски/македонска/македонско“ од страна на Драги Ѓоргиев, претседателот на „Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија“ и на нивно место, во работата на комисиите наметнување на ерга омнес употреба на новото име на државата, за да биле во согласност со т.н. „Договор од Преспа“ со Грција (коешто за кратко време, некако невешто и без аудио или видео изјава како од претседателот, беше демантирано од комисијата), да дадам едно потсетување.

Пред само десетина дена, на 14 јануари, 2021 г. во официјална посета на Грција беше Бујар Османи, „нашиот“ Министер за надворешни работи. Таму на официјална прес конференција од страна на грчкиот министер Дендиас дословно му беше кажано ова, цитирам (оригиналот е на англиски, може секој да го слушне во видеото од 4:00 до 6:00 мин., овде преводот на МАКЕДОНСКИ е мој):
 
„...Грција е подготвена да пружи техничка помош со цел да ги поддржи напорите преземени од страна на земјите од Западен Балкан за пристапување кон ЕУ, но во овој контекст, дозволете да нагласам дека целосната, конзистентна и во добра воља имплементација на 'Договорот од Преспа' е начинот на кој ќе го обезбедиме напредокот којшто го бараме. Тоа е она што нашите земји и народи го заслужуваат. После скоро две години од правосилноста на договорот ние признаваме дека е работено во насока на имплементација на промената на името, но сепак потребен е поголем напредок. Од една страна потребен е прогрес во користењето на името и терминологиите (што произлегуваат од него) од сите државни институции и приватни субјекти, вклучувајќи и интернет страници, а од друга страна потребно е и искоренување на антиквизацијата--отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини и употреби, преименување на јавни патишта и објекти. Драг министре (Османи) морам да кажам дека она што е кристално јасно во 'Договорот од Преспа' е јаснотијата за тоа што се случило во антиката, и една работа е јасна, со целосна почит, вашите сонародници, и Вие тоа веќе го прифативте, не војувале заедно со Александар Велики. Тие не биле присутни (на битката) кај Граник, тие не биле присутни (на битката) кај Ис, тие не биле присутни (на битката) кај Гавгамела...“
Дали конечно на сите ќе ни' стане кристално јасно дека членството во било какви комисии формирани од влада која го потпишала и со сите расположливи средства во сила го спроведува т.н. „Договор од Преспа“ не може да означува ништо друго, туку par excellence т.е. беспоговорна антимакедонска дејност?
Истото важи и за сите други државни и јавни функции од највисок, до најнизок ранг, почнувајќи од пратениците во собранието.



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани