Хроничните болни од утре се враќаат на работа – не добиле термини, ниту потврди за отсуство
  Објавено на
share

 

Хроничните болни од утре се враќаат на работа – не добиле термини, ниту потврди за отсуство

Хронично болните од утре, 23 септември треба да започнат да одат на работа, заедно со мајките кои што користеа породилно отсуство. Нивното барање испратено електронски до Владата за да бидат примени и сослушани од премиерот Заев не успеа, а реагираат и затоа што тешко се доаѓа до специјалист бидејќи, како што велат, најчесто нема термини за закажување.

Но, велат суштината е во тоа што специјалистите наместо потврди кои ги најави министерот Филипче, даваат боледување. Пациентите лутаат низ системот заради нејасните насоки кои ги даде министерот Филипче, вели Б.Р, која боледува од астма и тромбоза заради што е на редовна терапија.

„Останува тие што успеале да закажат термин порано, да добијат Извештај од специјалист со кое ќе биде ослободени од работа, доколку болеста е влошена, но со боледување. Специјалистите имаат право да препорачаат боледување најмногу до еден месец. На многу од пациентите  им е понудено боледување од 15 дена и тие одбиле.

Нас Владата не класифицираше како ризични групи на почеток на пандемијата кога имаше многу помалку заболени и смртни случаи, а сега кога се најавува нов бран, посилен од првиот, ние одеднаш не сме пациенти со ризик и нема опасност по нашето здравје“, вели за НОВА Б.Р која како и другите пациенти не сакаше да излезе јавно со цело име и презиме заради можни проблеми на работното место.

Таа посочува дека доколку имало злоупотреби досега тоа можело да се провери.

„На Клиниката за пулмологија каде што се лекувам има термини од средина на октомври. Како тогаш да обезбедам мислење од специјалист“, вели една членка на Фејсбук групата каде споделуваат искуства и се организираат за сите активности.

На нивната фејсбук група „Поддршка на болните за време на панедемија со Ковид-19,“може да се видат различни коментари и искуства. Велат дека не успеале да закажат термин на специјалист, а само една од нив успеала да добие потврда и тоа на редовен преглед во септември. Таа е една од ретките која успеала да добие термин за преглед и потврда за отсуство од работа заради болест.

Жена со автоимуно заболување, со системски лупус, со реуматоиден артритис вели дека од утре ќе мора да оди на работа како и сите останати. Се плаши за своето здравје во услови на пандемија со коронавирусот.

Хроничните болни стравуваат бидејќи речиси сите од починатите од Ковид имале некои претходни хронични заболувања.

37 годишната штипјанка П.Г која боледува од астма, вели дека имала лошо искуство во болницата Јасеново каде што била испратена од матичниот лекар за да добие терапија и  мислење од специјалист. Таа за НОВА вели дека лекарот не само што ја прегледал површно, туку без да знае и променил и дијагноза од астма во бронхитис, а ја сменил и терапија.

„Пациентите чекаа надвор, кога дојде ред јас да влезам, докторот излезе од амбулантата и ме прегледа во ходникот набрзина, со стетоскопот преку облека. Јас не знам некој да прегледува преку облека. Јас имам влошување, кашлам, земам спрејови за астма. Кога се вратив дома видов дека ми ја сменил терапијата која ја користам со години, а и дијагнозата“, вели за НОВА оваа штипјанка, текстилна работничка.

Таа не добила препорака за отсуство од работа, а сега покрај основната терапија докторот и препишал и антибиотици кои ќе ги пие додека оди на работа.

„Јас сум долго време со астма и изгледа по овој преглед јас сум прва излечена од оваа болест“, вели таа.

Според протоколот предгледот трае 30 минути со заштитна медицинска опрема, потврди директорот на оваа болница, но не знаеше да каже зошто на оваа пациентка и било оневозможено тоа.

Членовите на групата на хронични болни веќе испратиле Претставка до Народниот правобранител, а собираат и потписи за петиција.

„Бараме да се пролонгира рокот за враќање на работа, да бидеме сослушани бидејќи на нас ни е загрозено правото на живот, загарантирано со Устав. Поради нашата изложеност на ризик од зараза со Ковид 19 и покрај сите протоколи и мерки, нашите организми се со намален имунитет и тешко можат да се изборат, а најчесто ваквите заболени завршуваат за жал фатално, по сите бројки и статистики“,се вели во претставката до Народниот правобранител.

Тие упатија писмо со нивните барања до Кризниот штаб на 13 септември, но нивините барања не н=беа прифатени. На 9 септември на владина седница беше донесена одлука хроничните болни да се вратат на работа, со некои исклучоци.

„Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување, информираа од владината прес-служба.

 

доц. д-р. Венко Филипче, министер за здравство

Министерот за здравство Венко Филипче во емисијата „Патот кон“, на Алсат изјави дека не се враќаат сите на работа, туку лекар специјалист проценува кој ќе оди на работа, а кој не.

„Не само на кого му е влошена болеста, туку и пациент кој е во фаза на болеста и има тип на хронична дијагноза, со таква шифра, а треба да биде заштитен во следните шест месеци. За тоа ние го сменивме правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување.

Тоа значи дека ги одделуваме хроничните болни коишто се во рамките на една категорија и имаат иста шифра на болеста. На пример дијагноза миокарден инфаркт на срце. Пациент имал инфаркт на срце пред пет години, човекот е рехабилитиран и сосема нормално ги извршува животните активности. Тој ја носи истата шифра како пациент кој имал инфаркт пред еден месец и треба да биде на боледување и дополнително заштитен“, изјави Филипче.

 

Останува да се види како ќе се одвива ситуацијата со коронавирусот во текот на есента и дали ќе има нови препораки, како и на што ќе се однесуваат тие доколку ситуацијата со пандемијата ескалира.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани