Војна за демократија - репринт 2008
Автор: Јанко Илковски   Објавено на
share

 


Janko1a.jpg
Настаните последниве денови кои ја потресуваат Грција не можат да се наречат никако поинаку освен - војна! Буквална војна помеѓу урбаната герила од една и полицијата на власта од другата страна.

Повод за најголемите протести кои ја потресуваат земјата од Втората светска војна па наваму е убиството на едно 15-годишно момче кое било застрелано додека протестирало против полицијата. Не постои и нема легитимна цел, дозвола за убивање и било каква одбрана на еден режим кој може да оправда убиство, особенао на млад тинејџер. Но сите беа изненадени од силината на простестите. Такво нешто не е видено досега. Горат автомобили, дуќани, барикади и забранети зони, зони на анархија. Власта е во очај да ја доведе ситуацијата во нормала, го осудува убиството, ги притвори убијците, вети дека ќе ги изведе пред лицето на правдата оние кои го убија младото момче, но ништо не помогна. Грците ширум светот се кренаа на нозе! Заземени беа амбасадите во Лондон, Берлин, Париз како поддршка на оние кои протестираа во Атина, Солун, Јанина, Крит,...

Но што е суштината? Зошто не се смирија страстите? Зошто, кога наводно, правдата е најавена дека ќе биде задоволена, фрчат оставки, па се одбиваат. Што се случува? Зошто толку гнев? Сликата станува појасна ако се повикаме на господинот Павлопулос од здружението Виножито. Нема потреба многу да ви говорам кои се и што се од Виножито и кој е Павле, сметам дека е доволно познат на македонската јавност. Кога гостуваше кај мене во емисија ми кажа една реченица која во сенка на конфликтот кој Македонија го има со Грција делуваше малку чудно, а по прашањето за името, кажа јавно дека борбата на Виножито е пред се Грција да се демократизира, да стане толерантно општество, да дозволи простор за самоопределување на сите етникуми и малцинства кои живеат во неа. Тој потенцираше дека во Виножито токму заради тоа членуваат и Грци, не само Македонци затоа што крајната цел е земјата да се демократизира, а со тоа, ќе избледат наметнатите политички проблеми.

Протестите кои се случуваат сега немаат ама баш никаква врска со Виножито, да сме на јасно, но даваат потврда дека зборовите дека самите Грци бараат земјата да се демкратизира. Ќе се прашате, па зарем Грција? Нели ги исполнува стандардите на ЕУ? Нели е развиена демократија? Очигледно не се и не е, инаку зошто би продолжиле протестите? Значи не е само чинот на убиство кој веќе го прогласија за криминален и полицајците затворени, туку тоа само било капката која ја прелеала чашата. А што ја наполнила? Грците од падот на хунтата па наваму се заложници на политиката на пар фамилии кои тераат повеќе личен бизнис одошто развој на земјата, водени од сопствени интереси. Под капата на ЕУ, демек, еве во ЕУ сме и се е ок, пар фамилии и едни те исти луѓе владеат со судбината на земјата. Позната ви е оваа приказна? За среќа таквите ние мирно ги отфрливме на избори иако и натаму бандоглаво повторно ги туркаат истите ликови кои не доведоа на ова дереџе, нејсе, небитни се за оваа читанка. Очигледно дека животот на нереални кредити, тоталитаризмот и јакнењето на државата со полициски методи и мерки, губење на демократијата, па и угледот на земјата која стана црна дамка каде и да се појави во хистеричниот напад врз една млада и мала демократија и небулозата со името предизвикуваат потсмев во светот. Секако, најмногу се лошите решенија на државата во врска со образованието, со социјалната сигурност и лошото менаџирање со глобалната криза која се повеќе се одразува врз обичниот човек. Секој четврти Грк е на работ на сиромаштијата. На Грците им збоктиса, им дојде преку глава, затоа експлодира Пеколниот портокал. Очигледно дека власта била премногу заслепена кога не успеала да го насети незадоволството кај народот. Уште е потешко што тие анархистички групи не се раководени од еден центар, зад нив не стои партија или организација, иако може да биде поддржана но не и да има контрола, па да има со кого да се преговара. Газењето и палењето на сопственото знаме не е антидржавен чин, туку бес за крајно лошата состојба во која е доведен и народот и земјата како заложници на една лоша политика на поединци.

 

Затоа Грците деновиве се борат за демократија и тоа насекаде во светот.

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани