МАКЕДОНСКИ ЛИБЕРТАРИЈАНСКИ МАНИФЕСТ Затоа што левите тоталитарци на овие простори покажаа поголем слух за глобалните политики кои победуваат на светска сцена
Автор: Виктор Трифуновски   Објавено на
share

  МАКЕДОНСКИ ЛИБЕРТАРИЈАНСКИ МАНИФЕСТ

Во очи ми падна едно интервју со Јосип Броз од 1953, за тогашен Јунајтед Прес. Пред интервјуто, Јунајтед Прес прави една идеализирана слика за Југославија како земја на прогрес и мир. Ниту збор за Голи Оток, Јазовка, Пасје Гробље, Тезје, Идризово, Сухи Дол, Ливно и останатите масовни затворања и стрелања...ниту збор за конфискациите на приватен имот, тоталната контрола врз медиумите, за преку 2 милиони апсења и сослушувања во времето на Информбирото...тотална тишина по тие прашања.

Зошто еден медиум од Запад би се поставил вака во однос на земја без политички, економски, граѓански (значи без никакви) слободи?

Затоа што левите тоталитарци на овие простори покажаа поголем слух за глобалните политики кои победуваат на светска сцена. Точно, тој слух е поданичко-полтронски, не е партнерски, но е сепак спремен за соработка со големите чии политики неможеме да ги промениме.

Како се однесуваа десните, нивната наводна опозиција? Усташите, Четниците, Балистите, анти-комунистичките елементи на ВМРО и сите други, прво тешко се извалкаа во сојузништвото или барем преќутното поддржување на фашизмот...и што е можеби најлошо, со одредени исклучоци, не престанаа со етничката омраза и побожната супермација на својот етнос...односно со негирањето на цели други етноси и нивното наследство.

Да, Тито бил диктатор и непоправлив негативец, гледано низ либертаријанската призма...ама бил единствениот кој ветувал мир после војната. Да, тој мир бил под тешката чизма на политичкиот монопол, мир во тотална медиумска темница, мир кој градел ненормален окултизам со цела пропратна митологија, тоа бил мир кој изградил неколку генерации на клептомански елити кои којзнае дали некогаш ќе исчезнат...ама сепак бил мир кој им одговарал на големите креатори на светската политика. Затоа левите, и во времето на Тито, како и денес, останаа поприфатлива локална сила за глобалните елити.

Десницата во овој регион се закопа во етничките ровови. Да срамот биде уште поголем, десницата остана многу малку променета низ времето, и покрај фактот што нејзините поддржувачи проведоа цели децении во Западните општества како имигранти.

Сите ани-југословенски здруженија на српската, хрватската, македонската, албанската дијаспора, во своите агенди и повремени неуспешни акции, немаа НИКАКВА амбиција за создавање на слободно, граѓанско и капиталистичко општество. Сите, ама сите до една имаа само една цел...промена на комунистичкиот режим со националистички, промена на комунистиката митологија со националистичка, за економијата НИТУ ЗБОР, НИТУ БУКВА, промовираа територијални претензии кон соседите и омраза кон различите групи на луѓе, додека за мирен соживот беа тотално дно...дури отворено заговараа етнички чисти држави преку многу крвави преврати.

За ова да не ни се повторува, за левите полтрони да не бидат главниот адут на денешните или идните светски сили, за македонската десница да стане главен партнер (а не полтрон) на Западните сојузници...потребен е радикален пресврт, радикална промена.

Македонското име, јазик, знаме, култура и се останато...мора да се бранат во името на НАШИТЕ СЛОБОДИ. Наш слободен избор е Република Македонија, старото знаме, нашиот јазик, и се останато. Со таквата логика, нашите негатори се агресори, а ние жртва...тоа е сооднос кој секогаш носи победа во Западните општества. Можеби таквата победа доаѓа после децении...ама на крајот таквата опција секогаш победува.

Доколку македонскиот идентите и неговите атрибути го браниме како што правиме денес, со потрошени кованици како „национална гордост“ „национален интерес“ „историско наследство“ и сл...тогаш продолжуваме по теркот на старата десница, и одиме во пораз. Во секој судир со полтронската левица, ваквиот наратив сугерира преговори и секакви попуштања, во однос на оние кои исто така имаат национални интереси спротивни на нашите. И Грција и Бугарија имаа национални интереси и гордости. и ајде најдете се некаде на средина...Северна МАкедонија, Северно Македонски јазик, итн. Ако не преговарате, вие сте екстремист, и работите стануваат полоши. Таквиот пристап МОРА ДА СЕ НАПУШТИ ПОД ИТНО!

Анти-глобализмот и фантазиите за нови „Светски Блокови“ се скапа илузија. Западната цивилизација останува градител на највисокиот животен стадард во историјата, нејзината воена и политичка моќ се супериорни над сите потенцијални соперници, додека човековите слободи остануваат нејзиниот централен вредносен императив.

Кога зборувате за слободи, тогаш етичката и моралната поента е на ваша страна...а победата е само прашање на време. БИДЕТЕ МНОГУ СИГУРНИ ДЕКА ТОА ЕДЕН ДЕН ЌЕ СЕ СЛУЧИ, ама само од нас зависи кога.
Република Македонија е нашиот слободен избор, бараме слободно толкување и коментирање на целокупната историја (не само на македонската) и секој кој на ова се спротивставува е агресор кој ги крши нашите слободи...а не „подеднакво засегната страна“ со која треба да преговараме. НА тој начин, македонските негатори ги поставуваме на обвинителна клупа, а не во улога на „преговарачи“ за нашиот идентитет. Кога една Британска Империја ги изгубила СИТЕ СУДИРИ од овој тип, и денес е сведена на Обединето Кралство...што останува за балканскиве негатори околу нас?

Со одбраната на слободите на етничките македонци, како и со економските слободи како императив на капитализмот, ние можеме во рамките на ЕУ и НАТО да извојуваме комплетен пресврт во однос на нашето име, како и во однос на сите други понижувања на патот кон ЕУ и НАТО.

На Запад повеќе му се потребни партнери кои ги вреднуваат човековите слободи, односно капитализмот како најнапреден економски систем, отколку полтрони кои чекаат директиви и финансиска милостиња.
Тоа е победничката стратегија, тоа е стратегијата која ги создала најнапредните и најразвиени општества низ историјата...и само таа стратегија може да не издигне како слободни и достоинствени луѓе, и во поглед на нашиот идентитет, и во поглед на нашиот животен стандард.

Слободно македонско општество, со либертарјанските вредности како главна идеологија, е единствената иднина за Македонија. Се друго е сиромаштија, бескрајно понижување или недај боже скапи илузии.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани