Владеачката партија, СДСМ, излезе со пакет економски мерки кои ќе ги приложи на Владата. Според Зоран Заев во прашање се околу 200 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството.
Еден од предлозите е – за приватните фирми кои се погодени од кризата државата да обезбеди минимална плата од 14.500 денари за април и мај.
-Сите функционери и раководители ќе одат на минимална плата. Пратеници, премиерот, вицепремиерите, судии и обвинители за април и мај ќе земат минимална плата. Исто така и јавната администрација и на државно и на локално ниво, истакна Заев.
Од оваа мерка за минимални плати се изземаат лекарите и медицинскиот персонал, како и полицајците и војниците.
СДСМ предлага Претседателите и членовите на советите во општините, управни и надзорни одбори на јавни институции да работат без надоместок.
Се предлага и запирање на Законот за извршување до крајот на јуни, одложување на кредитите, помош за медиумските работници и медиумските куќи и помош за спортистите и уметниците.