Најава за крај на западната доминација Тони Блер почна да му одбројува на Западот
  Објавено на
share

 Најава за крај на западната доминација

Тони Блер почна да му одбројува на Западот

Поранешниот британски премиер, и актуелен советник на кој и да е што ќе плати повеќе, предупредува дека доаѓа крајот на ерата на  глобална политичка и економска доминација на Западот.

За Блер главната опасност доаѓа од Кина која полека, и во партнерство со Русија, се издига на ниво на светска суперсила.

Пораката на Блер за западните сили е под итно да го зголемат трошењето за одбрана и под итно да ставата крај на „лудилото“ во нивната домашна политика за да можат повторно да се вратат на „разумот и стратегијата“.

„Како ли во Британија дојдовме до точка во која Најџел Фараж и Џереми Корбин, на краток но важен период, ни ги формираа нашите политики?

Или како Америка се доведе до тоа да биде место во кое вакцинирањето стана симбол на политичка припадност?

Лудилото во нашата политика мора да престане. Не можеме веќе да си го дозволиме луксузот да потпаѓаме под фантазиите. Треба да ги вратиме разумот и стратегијата на нивните места.

И тоа треба итно да го направиме,“ порачал Тони Блер за време на предавањето во лондонски Дичли парк.

Блер (со не баш чисто досие за почитување на меѓународниот поредок, посебно кога е во прашање започнувањето на војната во Ирак) смета дека заради своеволната постапка на Путин со инвазијата на Украина, Западот не може да очекува дека Кина ќе се воздржи од освојување на Тајван.

„Како резултат на постапките на Путин, ние не може да се потпреме на тоа дека кинеското раководство ќе се однесува на начин кој ние ќе го сметаме за рационален.

Немојте погрешно да ме разберете. Јас не велам дека Кина во скоро време ќе проба со сила да го освои Тајван. Но не можеме нашата политика да ја базираме на сигурност дека нема тоа да го направи.

Па дури и да го ставиме Тајван на страна, реалноста е дека Кина под лидерство на Ши се натпреварува за влијание и тоа го прави агресивно,“ порачал поранешниот британски премиер.

Неговата процена е дека Кина не се натпреварува само за моќ туку „и се бори против нашиот систем, нашиот начин на живот и владеење“, и очекува најголемата геополитичка промена во овој век да дојде од Кина, а не од Русија.

„Доаѓаме до крајот на западната политичка и економска доминација. Светот ќе биде најмалку биполарен, а можно е и мултиполарен.

Ова е прв пат во модерната историја Истокот да биде на исто рамниште со Западот,“ порачува Блер.

Според него повторно превагнување на Западот може да се случи со значително поголеми инвестиции на Западот во земјите во развој, каде сега Кина (а и Русија, Турција и Иран) сериозно вложува додека истовремено работи на силни одбранбени и политички врски.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани