Последно предупредување до Гир и Ковачевски
  Објавено на
share

 преземено од дојче веле

Последно предупредување до Гир и Ковачевски

Сn4; што постигна Брисел е да ја врзе владата на СДУИ за себе. И СДУИ за ЕУ. Но не и Македонија. Пишува Арсим Зеколи
    Македонија ги започна преговорите со Европската Унија. Или ја започна процедурата за отворање на преговорите со Европската Унија. Ова се дистинкциите за кои ќе се расправаат и надмудруваат флоскулолозите од власта и опозицијата. Од призма на Европската Унија, ставот е дека на Брисел му успеа да ја врзе Македонија за себе. Што секако звучи убаво. Како и секоја политичка лага. Бидејќи на крај на сета оваа бура во чаша, сn4; што постигна Брисел е да ја врзе владата на СДУИ за себе. И СДУИ за ЕУ. Но не и Македонија. Погубна - за двете страни - ќе биде наивноста доколку Брисел и Скопје помислат поинаку. И затоа час поскоро Дејвид Гир и Димитар Ковачевски треба да бидат помалку комотни врз слабодобитните ловорики, наклештени на отчовечени журки, и да бидат повеќе загрижени за совршената бура која допрва претстои.

Кризата зад нас беше апсолутно политичка. И, како таква, релативно лесно контролабилна. Кризата која претстои ќе биде совршено симултан преплет на политички, социјални, безбедносни и егзистенцијални бури со потенцијално разорни ефекти по секој сегмент на земјата, општеството, заедниците и семејствата. Зијанот од таа криза секако првенствено ќе биде на сметка на власта. Но нејзината магнитуда ќе биде со такви пропорции што ни опозицијата не треба да се надева на некаков ќар. Она што е евидентно уште сега е дека доколку сите страни продолжат по ист терк, граѓаните и нивните семејства ги очекува Мајка Зима на Сите Незадоволства.

Без намера да се наметнувам како мравка пред јулски штурец, но со нескриено пакосна намера да истурам чаша преработена вода исцедена од човечки организам врз главите на славениците од шундовските приеми на политиката и дипломатијата, сметам дека сега е часот за испраќање на последни предупредувања до ликот на ЕУ во земјата и премиерот на Македонија. Конкретно, до амбасадорот Гир со порака дека во месеците пред нас влијанието на ЕУ или целосно неповратно ќе згасне или ќе се подигне од пепелта во која сега се наоѓа. Конкретно, до премиерот Ковачевски: славењето на туѓи напори те донесоа до успехот денес, но не очекувај дека врз нивни плеќи ќе јаваш и понатаму.

Од што зависи судбината и влијанието на ЕУ во Македонија?

Судбината и влијанието на ЕУ во Македонија не зависат и нема да бидат спасени од брзи, успешни, ефективни преговори на бирократиите, со сите (не)предвидливи стапици или условувања. Иднината на ЕУ во Македонија ќе биде определена од спремноста Брисел час поскоро да почне со подготовки за испорачување конкретна, опиплива помош за граѓаните во кризниот час кој нn4; очекува во доцните есенски и раните зимски недели. Не мислам на давање фондови за преведувачи, за патишта, за канцелариска опрема, посети, конференции, обуки, куп нови институти и организации за борба против фејк-вести, за корумпирани антикорупциски и лажни проевропски семејни кланови и банди.

Под помош подразбирам ЕУ ургентно да подготви план за помош на социјално најзагрозените, најранливи слоеви на општеството, кои и онака се на раб на преживување и не толку преокупирани со финеса-темите на официјално Скопје и Брисел. ЕУ има историска шанса за цементирање на сопственото влијание во очите на граѓаните на Македонија преку обезбедување на помош за пензионерите, самохраните родители, социјалните случаи, невработените, обезбедување топли градинки, основни училишта, старечки домови и амбуланти. Од таа помош зависи иднината на проевропската ориентација на општеството, стабилноста на земјата и обезбедувањето на долгорочна поддршка од граѓаните, окуражени дека сите жртви сепак вределе. Обратно - инертноста ќе доведе до погреб на ЕУ.

Предуслов за таа успешна интервенција на Брисел во помагање на граѓаните и враќање на симпатиите е ЕУ да обезбеди директно учество, со минимална партиципација на власта, која секако и таквата помош ќе сака да ја впише на свое конто и партиски корупции. Преку обезбедување на директна помош, ЕУ го јакне сопствениот кредибилитет и не o7; наштетува на сувереноста на Владата. И обратно, преку наслонување врз власта, ЕУ се изложува на компромитирање на сопствената мисија и онаа на власта. Вториот предуслов за ЕУ е спремноста да се откаже од сопствената безличност и ја хуманизира сопствената мисија преку јасна идентификација на потеклото на помошта преку паралелно објавување на логото на Унијата и името на земјите членки од кои се донира, според формулата „Помош за Кочани од ЕУ-Португал” или „Помош за Тетово од ЕУ-Данска”. Луѓето, едноставно, се рамнодушни кон безличноста на бирократијата и симболот на ЕУ. Но се емотивно реактивни кон ликот на самарјанство, во случајот – кон нацијата која помага.

Владата и грешките

Долговечноста на Кабинетот Ковачевски е засега на плексигласни ноџиња кои сосема наскоро и повеќе од веројатно ќе станат напукнато стаклени, доколку продолжи да инсистира на истите стратегии и човечки ресурси. Скандалозните однесувања на извиканите првенци на европејството во самиот финиш на одлучување за почетокот на преговорите е јасен знак дека е неопходна радикална, темелна чистка, како на нашиот преговарачки тим, така и на пропратниот дебело платен, извикан, компромитиран невладин сектор, накитен со европски имиња, европски пари и мајндсет кој е сn4; друго освен достоен да се именува како европски. Кабинетот Ковачевски, како и дуетот Маричиќ-Османи, досега можеа да се вадат на аргументот на „наследени од претходните” разноразни „Малинкa и Калинкa” експертски монополи. Но доколку не преземат решителни, брзи, длабоки и остри резови во чистење на овие сектори од ваквите и слични „лажни величини”, секој следен обид за манипулација, политизација, саботирање на процесот на преговорите од страна на квази-ЕУ групациите ќе оде директно на нивна сметка и одговорност.

Оние кои не учат од сопствените грешки се осудени истите да ги повторат. Очигледно дека владата на СДСМ и ДУИ не умее или не сака да разбере дека има огромен проблем со медиумите. Тој првпат исплива на сцена по дебаклот на Референдумот 2018, кога речиси сите водечки медиуми со здружени сили не успеаја да испорачаат барем приближно задоволитен број гласачи. Таа состојба се докажуваше напати низ изборните процеси и на крај се потврди со последната криза. Во која добар дел од скапо платените наемници, иновациски пропагандисти, или се свртеа против Владата, или прифатија опортунистички да одмолчат. Во крајна линија, сето тоа би било во ред, дури и мотив за сеирџиско ситење со баналниот аматеризам на власта. Доколку последиците не би биле сеопшти за сите нас, а не само за аутистично отсечените од реалноста елитисти забаракадирани во канцелариите околу кабинетот Ковачевски. Оваа влада и премиерот Ковачевски веќе не можат да бараат солидарност од граѓаните, а притоа сn4; уште да се инсистира дека комуникациите со општеството се остават на разно-разни Забрчанци, Васили, Валоновци кои со адолесценска надменост повеќе ја подриваат отколку што ја јакнат спремноста на граѓаните да веруваат во официјалните владини верзии. Фрлањето пари во јакнење на владината пропаганда низ медиумите – како што се жали онаа жална дружба наречена ЗНМ – е однапред осудена на безначајно влијание доколку истите се слеат во целосно девалвираните водечки телевизиски куќи. Едноставно, проблемот одамна не е кредибилитетот на медиумите како институција и фреквенција, туку на медиумските ликови лишени од карактер, веродостојност, објективност и некорумпираност. Поради такви, СДСМ ги губи изборите, останува цементирана во негативно гласачко салдо и во задушувачка, уценувачка прегратка на медиумски бардови и кафеански новинари кои не можат да му обезбедат победа. Но затоа со сопствената вообразеност можат комотно да го забрзаат и ефектуираат падот на оваа владина коалиција. Општеството одамна има свртено грб на таквата „јавност”, сега убедлива и продорна единствено во очите и ушите на СДСМ.

Испорачајте или заминете!

Реперот за односот на Македонија кон ЕУ не беа бурните протести во Скопје, туку тивките улици ширум Македонија. Како потсетник дека Скопје не е Македонија – за добро или за лошо. Реперот за успешноста на односите и преговорите помеѓу ЕУ и Македонија не се насмевките од Брисел или кич-приемот на Ковачевски во Скопје. Репер се презирот на граѓаните кон ликовите од СДУИ кои смислата и веродостојноста во европејството го компромитираат со самата своја појавност. Христијан Мицкоски не е во право кога вели дека 75 отсто од граѓаните се против Договорот со Софија како предуслов за преговори со ЕУ. Вистинската бројка е над 98 отсто. Што е приближно ист процент на луѓе кои не сакаат да бидат оперирани или да ги чистат забните коренски канали. Но поради иднината сепак се подложуваат на истите.

Нивната премолчена согласност, амбасадоре Гир и премиере Ковачевски, не треба да ја толкувате како рамнодушност. Таа е само на реверс дадена доверба, од очај. Која сосема лесно – и доколку терате по исто – извесно ќе помине на другата страна, онаа на правдољубивата деструктивност. Во која веќе никој нема да има желба или трпение да ги слуша оправдувањата ви за неиспорачување на ветеното.

Оставете ги шампањската – навредливи се во време на сиромаштија.

Баталете со убедувањата - за вас тие звучат премиерно, за сите останати се бајати репризи.

Заборавете на спиновите – фактите се неумоливи, убедливи и лесно видливи.

Намалете со оправдувањата - Путин нема да биде виновен за вашите опортунизми.

Вината веќе нема каде да се префрли. Освен на сопствена адреса.

Испорачајте или заминете!

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани