СИНИОТ ВОЗ НА ТИТО - да се качиме во него
  Објавено на
share

 

СИНИОТ ВОЗ НА ТИТО - да се качиме во него

Шетајќи по зајачки дупки полни куриозитети на интернет, блогерка што нема врска со нашево поднебје налетува на сајт за српски филмски локации и на нејзино изненадување, едно од „местата“ достапни за изнајмување е „приватниот луксузен воз на еден поранешен диктатор“. Интересно е да се види текст од некој што никогаш не не видел, а уште поинтересно од тоа е - па, самиот воз на Тито.

 Tito's Blue Train - Wikipedia

Тито го користел возот за дипломатски и приватни патувања, главно за пренесување на неговото семејство и вработени до летната резиденција на Бриони. Луксузниот Плави воз во моментов е во полураспаднат магацин во Белград, а бил специјално дизајниран во 1959 лично за Јосип Броз Тито.

Арт Деко ентериерот го вклучува апартманот на Претседателот, церемонијален конференциски салон, трпезариски вагон, бар со зодијак-мотиви, централна кујна, апартман за гости, вагони за спиење и секаква носталгичарска технологија.

Меѓу ВИП гостите што патувале со него биле Елизабета II, Јасер Арафат, француските претседатели Франсоа Митеран и Шарл де Гол, дури и Елизабет Тејлор и Софија Лорен, кои летувале со него во Хрватска.

Возот е искористен и за последното патување на Тито, кога го пренел неговиот ковчег во Белград, кон погребот кој бил најголем државен погреб дотогаш, со 128 делегации од сите страни на Студената војна; неколку кралеви, 31 претседател, шест принцови и 22 премиери. Присуствувале и Садам Хусеин и Ким Ил-Сунг, како и покојниот принц Филип и Маргарет Тачер.

На Ванеса од МесиНеси и се забавни историските податоци, од кои на еден вреди да се потсетиме:

„Познат бил по неговиот, да речеме zero fucks given пристап кон дипломатијата во Советскиот сојуз. Кога му се смачило Сталин постојано да му праќа атентатори, отворено му пишал, ‘Доста ми праќаш луѓе да ме убијат. Веќе имаме заробено пет души, од кои еден со бомба, друг со пиштол… Ако не престанеш да праќаш убијци, ќе ти пратам јас еден во Москва и нема да морам да праќам втор.’“

И понатаму, му раскажува на светот, а ние пренесуваме за помладите и за тие со амнезија:

„За време на Студената војна, Југославија била единствената комунистичка држава во источна Европа што била независна од Советскиот сојуз, и уживала нешто што било многу блиску до западните стандарди на живеење. Разликата меѓу богатите и сиромашните не била толку голема; членовите на едно обично југословенско семејство имале стабилна работа, пристојна плата, можеле да си дозволат кола и летен одмор на Јадранското море. Тито бил во одлични односи со западните земји, никогаш не бил во сојуз со СССР, но кога Америка понудила сојуз, Тито културно одбил. Водел нешто шти би можело да се нарече комунистичка Швајцарија и одржувал мир на Балканот.“

Очуваните вагони се всушност отворени за јавноста како еден вид неофицијален приватен музеј, покрај можноста да се изнајмат за специјални патувања на пругата Белград-Бар, иако ретко се изнајмува затоа што е прескап.

Сепак, тие што можат да си дозволат, можат да го изнајмат целиот воз, или само еден вагон, а како бонус, може да им се среди и за оброк во трпезарискиот вагон со оригинални рецепти од Готвачот на Тито.

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани