Жесток настап на Црвенковски во МАНУ: Македонија е корумпирана и длабоко поделена држава која живее на кредити
  Објавено на
share

Самокритика 

Жесток настап на Црвенковски во МАНУ: Македонија е корумпирана и длабоко поделена држава која живее на кредити 
 

Експретседателот го повика актуелниот шеф на државата Пендаровски, со кој седеше на иста маса на денешната дебата, да покрене иницијатива за постигнување национална платформа, која би ги дефинирала клучните проблеми и цели на земјата, со прецизни рокови за нивно надминување и исполнување

„Носам целосна одговорност за грешките што беа направени додека бев премиер“, рече Црвенковски, кој во своето обраќање направи и дистинкција меѓу договорите со Грција и со Бугарија

Поранешниот премиер и претседател на државата (2004-2009), Бранко Црвенковски, упати денска апел до МАНУ, стопанските комори и граѓанските организации да почнат иницијатива за национална платформа која, како што рече, ќе ги дефинира клучните проблеми и цели на државата, со прецизни рокови за нивно надминување и исполнување и до која би се придржувале сите политички субјекти, независно од тоа дали се на власт или во опозиција.

Говорејќи на дебатата на МАНУ „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021“, Црвенковски го повика актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше советник во неговиот претседателски кабинет, како натпартиска фигура, да покрене иницијатива за постигнување таква национална платформа, за која рече дека се сомнева дека би можеле да ја иницираат политичките партии, имајќи ги предвид нивните капацитети.

 

 

Три ограничувачки фактори за развој на државата

Овој апел на Црвенковски, во неговото прво појавување во јавноста по подолго време, следуваше откако тој упати силна критика за состојбите во државата посочувајќи, според него, три главни ограничувачки фактори за нејзината иднина и просперитет: Изразена корумпираност, длабока поделеност на општеството и голема задолженост.

„Македонија е корумпирана држава, а во корумпирана држава нема еднаквост пред закони, нема фер пазарна економија, нема квалитетно образовани, каде што дипломите се заслужуваат, а не се купуваат, нема ни квалитетно здравство, ниту доверба во институции. Во корумпирана држава нема доминантен систем на општествени вредности за да се исчекори напред. Второ, Македонија е внатрешно длабоко конфронтирана и поделена држава, во која партиите не се гледаат како конкуренти туку како непријатели што треба да се уништат меѓу себе и во која не може да се постигне консензус за ниту едно битно прашање. И трето, Македонија е држава која живее на кредити, а кој живее на кредит умира на рати. А, каде завршија парите од тие кредити – дали во инфраструктура, во подигање на квалитетот на јавното здравство…, Факт е дека голем дел од овие средства отидоа во апсолутно непродуктивни трошоци“,

оцени Црвенковски

Според експретседателот, со национална платформа треба итно да се дефинираат начини и средства за елиминирање на корупцијата, а прво да се преиспита, како што рече, коруптивното финансирање на партии и да се донесе ригиден закон за испитување потекло на имот, а потоа да се предвидат и механизми за намалување на надворешниот долг на државата на подносливо ниво.

Што ако ЕУ реши дека веќе нема проширување

Црвенковски рече дека треба да се предвидат и механизми како што поскоро да ја исполниме целта за членство во ЕУ, но и алтернативи за самоодржливост и самостоен развој и просперитет на земјата, во случај приемот во Унијата да се одолговлечи или евентуално во ситуација да запре проширувањето.

„Во последните години често слушам една реченица што многу ме погодува: ’Не не бидува како држава, ниту ќе не биде’. Оваа реченица многу ме погодува затоа што знам дека не бидува и дека можеме, само прашање е дали сакаме. Слушам и една мантра што постојано се повторува, а тоа е дека членството во ЕУ нема алтернатива. Да се разбереме дека не сум поборник на алтернативи за приклучување кон Исток или кон Запад, ама, еве да речеме, што ако самата ЕУ реши дека нема веќе да се проширува. Што ќе правиме тогаш? Дали ќе се самоукинеме и самопоништиме? Не, тука клучното прашање е дали во таков случај имаме капацитет да се развиваме како суверена и самостојна држава, да исполнуваме стандарди – не затоа што Брисел така ни налага туку затоа што сами сакаме да живееме во подобра држава. Дали мора некој однадвор да ни каже дека судството треба да биде независно, а медиумите слободни… Ако живееме според максима ’НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни’, ништо не правиме“,

рече Црвенковски.

 

 

 

Договорот со Грција затвори проблем, а со Бугарија отвори Пандорина кутија

 

Говорејќи пред академиците и пред актуелниот претседател Пендаровски и советници во кабинетите на првите претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, Црвенковски нагласи дека треба да се направи разлика меѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Се очекуваше дека Преспанскиот договор ќе ги отвори двете врати (на ЕУ и на НАТО н.з.), но се виде дека не е така. Сепак, не би ставил знак на еднаквост меѓу договорите со Грција и со Бугарија. Преспанскиот договор не го сметам за добар, туку за помало зло, кое затвори едно прашање, додека договорот со Бугарија ја отвори Пандорината кутија“,

заклучи Црвенковски.

Признанието на експремиерот

Во почетокот на своето излагање, Црвенковски се осврна и на почетоците на независноста и неговите години како премиер (1992-1998 и 2002-2004) при што рече дека признава дека имало и грешки, како и постигнувања. Притоа се осврна на грчкото ембарго и на меѓународната изолација и економските последици што ги предизвика. Говореше и за преминот од социјализам кон комунизам и за приватизацијата, за што рече дека била направена голема грешка што не се создале механизми за заштита на интересите на малите акционери во фирмите што се приватизираа.

„Сепак, создадовме македонска армија, македонска валута, македонска дипломатија и институции. Со ова знаење и искуство што го имам сега секако дека јас лично многу работни би направил поинаку. Носам целосна одговорност за грешките што беа направени додека бев премиер. Но во политиката, како и во животот, не постои времеплов“,

нагласи Црвенковски.

 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани