ЕПЛ ВРЕДИ ПОВЕЌЕ ОД 30-ТЕ НАЈГОЛЕМИ ГЕРМАНСКИ КОМПАНИИ - ЗАЕДНО
  Објавено на
share

 

ЕПЛ ВРЕДИ ПОВЕЌЕ ОД 30-ТЕ НАЈГОЛЕМИ ГЕРМАНСКИ КОМПАНИИ - ЗАЕДНО

Претераната и рестриктивна регулатива на Брисел се смета за сериозна кочница поради која ЕУ го губи чекорот во динамичните економски сектори. Доволно јасен сигнал е што за кафе пиење, светот го освои американски Старбакс а не некој од Италија, татковината на еспресото или што во електрични коли води Тесла а не некој Германец. А греота е и што Мекдоналдс, а не Лесковац или Прилеп, е симбол за плескавица.

 

Европа и натаму е еден од најатрактивните пазари за големите корпорации од Америка или Азија но самата е сè помалку база за нови корпорации кои се шират и го освојуваат светот. Таквите попрво одбираат да се стационираат во Америка или Кина отколку во Европа. 

Во 2000 година, 41 од 100 највредни фирми на светот имале свое седиште во Европа. Денес таа бројка е падната на 15.

Пазарната капитализација на Епл денес е поголема не само од секоја од највредните германски фирми поединечно, туку повеќе и од 30 нив заедно. На францускиот берзански индекс, Епл е поголем од 40-те најголеми заедно.

Не така одамна, европските Нестле, Нокија и БП беа меѓу 10-те најголеми, Денес три европски компании има само во групацијата 25-те најголеми - ЛВМХ (Moët Hennessy Louis Vuitton), Нестле и Рош. Меѓу првите 10 па и 15, нема ниедна европска.

Ако светските корпорации се рангираат по годишната добивка, како што тоа го прави Форбс, годинава повторно нема европска фирма во топ 10, додека во првите 25 се само Фолксваген и финансиската, односно осигурителна куќа Алијанц.

Кога ќе се погледне уделот на БДП на ЕУ во вкупниот светски БДП, повторно се доаѓа до недвосмислен заклучок дека економската моќ и значење на  Унијата е во пад во однос на остатокот од светот. 

Во 1980 година, уделот на денешните членки (заедно со Велика Британија која службено се одјави лани) изнесувал дури 30% од светската економија по паритет на куповна моќ . До 2017 година е паднат на околу 15% (исто така заедно со Британија).

Не дека европскиот БДП паѓа туку БДП на остатокот од светот растел далеку повеќе. Особено фрапантниот економски раст на Кина која веќе во 2009 по БДП ја претекна Германија со годишни стапки на раст и до 15%. Дури 160 од 1.000 највредни компании на светот доаѓаат од Кина, што е четири пати повеќе отколку пред 20 години.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани