Македонската осумдецениска граѓанска војна
Автор: Ивон Величковски   Објавено на
share

 Македонската осумдецениска граѓанска војна: Судир без (многу) куршуми на системските со несистемските Македонци и немакедонците

 

Откако ќе ja ислушаме носталгијата на нашите родители за Југославија, сфаќаме дека сепак нивното детство и младост се во периодот кога новиот режим веќе е востановен. И дека таа е копнеж по впечатокот на безгрижност и уреденост оти (последиците од) процесите на инсталирање на режимот баш и не им се познати: национализацијата, колективизацијата, воведувањето на самоуправувањето... пред се биле на грбот на нивните родители, нашите дедовци и баби, кои ја живееле македонската реалност околу или по Балканските, Светските војни и српската и бугарската администрација на Вардарска Македонија во тие времиња.
 
Вака погледнато, родителите на мојата генерација, денес на 70-80 години, само биле врамени во просторот и околностите што им бил определени од Партијата и власта: со образование и здравство, вработување и „општествен стан“, кредит за кола и (регрес за) годишен одмор. Но со ограничен пристап до повеќе, контролиран баш од оние кои ги воделе процесите на национализации, колективизации, парто-диференцијации... и нивните деца.
 
Од новите угледни семејства, кои угледот го стекнувале преземајќи ги имотите во владеење и разурнувајќи ги – поранешните угледни семејства.
Тоа се системските Македонци кои си ја приватизираат револуцијата за да станат нова управувачка каста на окупираните производни ресурси. И правејќи ги институциите по мерка на Белград, од средината на 1970-тите ја затвораат македонската полит-општествена и економска мисла на потегот ЦК – Дебар Маало – Водно – МАНУ – Институт за национална историја – РТВ Скопје – Комлекс факултети во Скопје. За таа цел си „пуштаат нечиста крв“ низ пресметките меѓу реканско-галичкото, прилепското, кумановското, тетовското, штипското... лоби, но пред се постојано произведуваат судири меѓу несистемските Македонци: де со „Егејците на кои им се даде се“, де со „Турците што Тито со право ги исели“, де со „Шиптарите што Крсте Црвенкоски ги насели од Косово“. И на крајот со „провинцијата што ја донесоа по земјотресот“. А фактички
Тоа е проекцијата на постојана граѓанска војна без (многу) куршуми од 1945 до денес
 
За системските Македонци е природно да ја задушуваат колективната меморија за периодот 1945-56 во кој се изречени најбројните административни мерки за лишување луѓе од граѓански права и сопственост. Ама за одржување на југословенистичкиот континуум, официјалната историја ќе толкува многу за настаните до 1912 и 1941-44. И во неа Македонија 1913-41 е „незгодно администриран простор“ што 1941-44 оди под окупација, Андонов-Ченто ќе излезе од бункер пред триесетина години, а Колишевски ќе ги пополнува сите празнини до Кљусев и Глигоров. Но, бидејќи веќе нема „прашања што не заслужуваат одговор“ – расте паниката кај политичарите и смиреноста кај граѓаните.
 
Системските Македонци сеуште се носталгични по евтините кредити подјадени од инфлација и пасошот со кој „цели“ 20 години можеле да одат „секаде“. Време во кое несистемските Македонци и немакедонците премолчано се упатени на миграција. Ако продадат се, одат што подалеку и не се вратат – уште подобро: службите ќе ги контролираат на дистанца. А при распадот на Југославија истите служби ќе ги распределат системските Македонци во партиите кои имаат право да имитираат плурализам се додека администрацијата и финансиите останат под контрола на системашите. Затоа од 1990-тите партии се формалното олицетворение на „транзицијата“ што само ја легитимира новата прераспределба на (државните и општествените) ресурси, кои е битно да останат за системашите и да не се вратат кај основните сопственици. Оти системските Македонци за несистемските определиле дека е „доволно“ да добиваат стечаен надоместок, за несистемските Албанци да продолжат на „Кванташки“, а останатите – нека се снајдат.
 
И во 1990-тите и во 2000-тите пазарно подготвените несистемски Македонци оставени без почетен капитал за бизнис, без врски во Заводот за платен промет, банките и моќниците што ги контролираа(т) – пак се елиминирани со емиграција или со зависност од буџет или партија. Исклученоста на Албанците од системот до 1990-тите што ги упатуваше на приватна дејност за нив (о)стана предност. Генерираниот капитал системашите секако на сите „по дифолт“ ќе им го припишат на трговија со дрога, но тоа баш и не ги засега. Оти етикетите им ги лепат оние коишто со „одлука“ на Влада, Агенција за приватизација и „согласно Устав и закон“ уништија фирми во вредност од милијарди долари. Ако во 1960/70-тите оваа тивка граѓанска војна ги елиминираше работоспособните, во 1990-тите од Македонија ги отстрани претприемачите и високо-квалификуваните од Македонија. Во 2020-тите процесот е неселективен и еднакво неповратен.
 
Се со цел системските Македонци и по СФРЈ да тераат југословенски и преку вака форматираната матрица да продолжат за административна плата и/или функција да ги регрутираат покорливите во „бранењето“ де на „Чиста“ де на „Античка“ Македонија, апсурдно конфликтна за одржување на југословенската (читај: српската) регионална доминација.
Ова одложување на суштинската независност на Македонија го прекинуваат 4 документи: Охридскиот договор, кој постави основа за укинување на монополот на системските Македонци врз власта. Тиранската платформа, која ја потврди посветеноста на Албанците од Македонија кон Македонија како своја држава. Преспанскиот договор, кој ги префрли Македонците од Третата армиска област на ЈНА во јужното крило на НАТО. И Софискиот договор, кој ја обесмисли употребата на Македонците како тампон-зона во регионот. И во Вудро-вилсонистичка смисла, станаа домашни и соседни акти на гаранции за постоењето на Македонија.
 
Неидентификуваната граѓанската војна на системските против несистемските Македонци и немакедонците, особено во последните 30 години наизменично е користена и од ЕУ и САД. Изразито при дефинирањето на нивните (меѓусебни односи и) интереси кон регионот. Но токму затоа, со (парто-медиа-финансиски-нво) елити на кои тие се потпираа 3 децении, а не ги претставуваат граѓаните и особено (несистемските) Македонци, сега имаат недостаток на кредибилни сојузници во вакуумот што самите го создадоа.
Овој интензивен децениски судир меѓу Македонците и на системските Македонци со сите останати сега е компресиран пред се во „партиите на Македонците“. Во тек е обидот тие пак да го преселат во зоната на етничкото дома и надвор. Но, тоа е причината и зошто јавноста ја презре играта. Оти сите сфаќаме и чувствуваме:
Истовременото барање за преговори за ЕУ-членство и за прекин на разговорите со Бугарија е оксиморон
 
Системашите (ни) го трошат времето низ бот-расправи на соц-мрежите и познатата листа „лидери“ и „аналитичари“ развикани по медиумите. Се јасно личи на повторување на спорот со Грција – оти паметиме дека членството во НАТО тогаш, како денес во ЕУ – без уредување на односите со Атина тогаш, како денес со Софија – не (беш)е можно. Јавноста правилно очекува одговорните политичари да признаат дека Македонија не гледа одржлива алтернатива на европскиот пазар, економија, зона на слободно движење и културно-образовен простор во Евро-азиската Унија, Кина или Русија. И од политичарите чека листи на оние кои заработиле таму и на оние чии деца се отпишале од европските и американските колеџи и се запишале во Москва или Пекинг. А ако такви листи нема – бара решение за надминување на застојот со Бугарија без ново „кршење кичма“.
 
Вака завршува партиската мимикрија на орбан-конзервативци кои бараат право, а молчат за непријатните пораки од јанша-сојузниците; на чавез-левичари кои зборуваат за социјална правда, а примаат функционерски плати од буџет што не знаат како се полни; на социјал-демократи кои зборуваат за работнички права, а ја приватизираат и плантажираат државата. Сите перципирани како политичари на батерии.
 
Или накратко со четвртата генерација соц-револуционерна елита на Македонија се разобличуваат службењачките проекти кои од 1990 до 2015 копираа партии и теми од 1970-тите. Судирот на непретставените, несистемските Македонци – неагресивни кон немакедонците дома, соседите околу, незаинтересирани да се „антички“ за да се докажат, ниту „Титови“ за да се чувствуваат добро – со системските се чувствува со студенилото (кон партиски ликови и теми) на 4-5 месеци пред локалните избори.
Завршувањето на оваа етапа е тешко, но сепак е почеток на крајот на поделбата на македонскиот народ. И основа на (ерес!) северно-македонско национално единство. Кое е дизајнирано да биде гарант и промотор на македонскиот народ со изворен идентитет, традиција и историја изградени низ автентичен процес, наместо на валутност на идентификацијата Македонец. И на припадниците на другите народи во Македонија.



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани