ЕТЕ КАДЕ БИЛО МРСНОТО - ЧИСТ ЌАР ОД 32 МИЛИОНИ ЕВРА - еве како македонскиот банкарски сектор во првиот квартал ја зголеми добивката за 73 отсто
  Објавено на
share

 

ЧИСТ ЌАР ОД 32 МИЛИОНИ ЕВРА - еве како македонскиот банкарски сектор во првиот квартал ја зголеми добивката за 73 отсто

 

Објавено во: Финансии

 

Македонските банки и покажаа на бизнис сцената во земјава дека кога станува збор за профитабилноста, тие се убедливо најсолидните деловни играчи.

Само во првите три месеци од годинава, сите 14 македонски банки оствариле вкупен профит од 32,2 милиони евра, покажуваат последните податоци кои ги објави Народната банка.

Ако се направи споредба со првиот квартал лани, кога банките оствариле вкупни добивки од 18,6 милиони евра, ќе се види дека во првото тримесечје од годинава профитот на банкарскиот сектор е зголемен за 13,6 милиони евра, односно за дури 73 проценти.

Минатата година е позната по тоа што беше година на пандемија, во која дел од бизнисите беа уништени, а многу работни места беа и затворени, па Владата ги ублажуваше последиците со неколку сета на економски мерки.

Но, и во таа година банките покажаа зголемен профит во однос на претходната, а дека трендот на раст на нивната профитабилност продолжува и натаму, доволно говорат најновите бројки за првиот квартал од годинава, односно зголемување на вкупните добивки за дури 73 отсто.

Како и вообичаено, најдобро во поглед на профитабилноста и одело на големата банкарска петорка, односно на петте банки кои влегуваат според висината на активата во категоријата на големи банки. Тие во првиот квартал од годинава оствариле профит од 28 милиони евра, што значи дека го прават најголемиот „колач“ од вкупната банкарска добивка. Во првиот квартал лани големите банки имале профит од 24 милиони евра, што значи дека за првите три месеци од годинава имале зголемување за четири милиони евра.

Ако се сака да зе зборува за сериозно подобрување, тоа може да се види во групата на средни банки, каде сега се шест банки, наспроти седум колку што беа во првиот квартал од минатата година. Како штро е познато, тогаш се уште постоеше и работеше Еуростандард банка, која се соочуваше со загуби, и нејзините загуби практично влијаеја групата на средни банки да не биде профитабилна, односно да прикажува групно негативни финансиски резултати. Сега таа состојба е сменета и профитабилна станува и категоријата средни банки. Или, ако во првиот квартал лани седумте тогашни средни банки имале загуба од близу шест милиони евра, сега таа група од средни банки станува профитабилна, одфносно во првото тримесечје од годинава шесте средни банки прикажуваат вкупна добивка од 3,5 милиони евра.

Додека, пак, трите мали банки традиционално се профитабилни, но со помали добивки, или, ако од јануари до март лани имале вкупни добивки од 550 илјади евра, во истата временска отсечка од годинава нивниот вкупен профит изнесува 670 илјади евра.

А што во првиот квартал ги направи големите банкарски профити?

Извештаите на централната банка од јануари заклучно со март годинава покажуваат дека банките вкупно оствариле приходи од камати од 73,8 милиони евра, додека, пак, направиле расходи од камати од само 13 милиони евра.

Тоа говори дека банките и натаму многу повеќе заработуваат од поскапите кредити што им ги одобруваат на граѓаните, во однос на пониските каматни стапки што им ги плаќаат на штедачите кои кај нив ги чуваат своите влогови. Или, во првиот квартал од годинава, нето приходите од камати биле дури 61 милиони евра, и тоа е таа разлика на каматите на кредитите и на граѓанските заштеди.

Сосема солидно банките секогаш заработуваат и од проивизии и надоместоци, па нето приходите што во првиот квартал од годинава ги оствариле по таа основа изнесуваат близу 22 милиони евра, додека, пак, нето приходите од курсни разлики биле нешто помалку од четири милиони евра. А, многу солидна сума од дури осум милиони евра банките во првите три месеци прокнижиле од останатите приходи од дејноста.

Се разбира дека банките имале и трошоци. Три најголеми ставки како и вообичаено можат да се видат во банкарските биланси. Па така, за исправки на вредноста за лошите кредити банките имале трошоци од над 15 милиони евра.

За плати на своите вработени, но и за бонуси на менаџерите банките дале 20 милиони евра, додека, пак, 22,3 милиони евра се одлеале од банките како останати расходи од дејноста.

Сепак, кога од сите овие приходи и расходи ќе се направат математиките, но и кога ќе се пресметаат даноците кон државата, на нашите банкари само за три месеци им остана чист ќар од 32,2 милиони евра.

Лани, пак, во година на пандемија, карантини и рестрикции, македонските банки покажале вкупна профитабилност од 118 милиони евра, наспроти претгодната, 2019 година, кога вкупниот профит на банките бил близу 109 милиони евра.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани