Јани Бојаџи повод годинишнината од смртта на Љубиша георгиевски (статус на фб)
  Објавено на
share

Јани Бојаџи повод годишнината од смртта на Љубиша георгиевски  (статус на фб)

Пред една година почина Љубиша Георгиевски. Иако знам дека се што треба да се каже за него се содржи во неговото име и презиме, сепак, достојно е да се пишува за еден од најдостојните мажи во новата македонска историја.

Но, за среќа, Љубиша Георгиевски не е само име, туку и синоним за уметност, политика, философија и секако живот исполнет со содржини доволно големи и доволно инспиративни за да се преоткриваат, преосознаваат, препрочитуваат, пресакуваат и преомразуваат со истиот темперамент и сила со која тој: режисерот, писателот, философот и политичарот и ги создаваше.

Мене Љубиша не ми беше професор. Но речиси сите мои пријатели во театарот се негови студенти, па така, покрај нив, природно, и јас го викав професоре. И верувајте ми, Љубиша беше даскал од аристотеловски тип. Еден од последните во Македонија. И затоа тој и го сакаше оној цитат за горењето и блескањето што Аристотел му го кажал на Александар Македонски. Точно како да е негова идеа. А беше негова! Се беше негово. И буквите и книгите, и зборовите и јазиците, и убавото и грдото, и доброто и злото, и левото и десното и горното и долното, и водата и огнот со кој зборуваше секогаш со рацете широко отворени. Сите мудрости, цитати и парафрази кажани од него се доживуваа како лично негови, дури и кога тој кажувал или пак ние сме знаеле дека се работи за дело или писание на некого друг!

Јас, и не паметам тој да не зборувал, како што се вели во театарот а тоа да не било со ``широка геста``! Онака, баш Брехтијански! Така и го запознав. Се сеќавам како да беше вчера, а било во минатиот век. На покана на сега е сосема јасно легендарниот директор на струмичкиот театар Лазар Новаков, Љубиша дојде во Струмица да ја поставува пиесата ``Прикованиот Прометеј`` на Ајсхил. Јас бев ученик во гимназијата и имав седумнаесетина години и во занес присуствував на последната проба пред затворањето на сезоната. Планот беше од есен да се продолжи со подготовките за октомвриската премиера на ``Прометејот`` во струмичкиот театар. Директорот Лазар Новаков знаејќи за мојата желба да студирам режија ме сретна со Љубиша на платото од Домот на културата. Бев возбуден и вознемирен до бескрај. Разговаравме десетина минути. Ми посака среќа и ми рече ако не морам да се бавам со режија, да студирам нешто друго. Јас не сакав ништо друго, иако она што мене Љубиша ми го рече на првата средба јас им го кажувам денес на моите студенти – да не го прават ова ако не морат! И се разделивме.

Го сретнав две години подоцна на ФДУ кога полагав приемен на режија. Во комисијата беа тој и Унковски. Не ме примија. Му го раскажав ова после дваесетина години од тој мој несреќен приемен испит во Скопје и Љубиша во негов стил ми рече: па речи ми фала што не сум те примил! Ќе си останел тука, на овој универзитет без можност надвор да го научиш тоа што сега го знаеш! Ете, тоа беше Љубиша. Со точна дефиниција за она што било, за тоа што е и за она што ќе биде. Со него и обичното ``добар ден`` добиваше философско значење и естетска димензија во зависност од денот во неделата или од годишното доба. Со Љубиша можеше да се разговара за се. И како што обично бидува со даскали, на крајот тој секогаш беше во право! За се! Сетоа она што пророчки го кажа за тоа што ја очекува Македонија во блиска иднина е запишано во неговата мала по страници но голема по значење книга ``Политичката иднина на Македонија``. И ден денешен таа стои како предупредување за добрите ученици. Не за лошите! Туку за добрите. Затоа што тој низ својот пример покажа дека најдобрите треба да и се стават на располагање на татковината. Најдобрите треба да бидат спремни да изгорат – за да блеснат! Затоа што тој беше најдобриот! Последен пат го видов на собирот на ``За заедничка Македонија``. Зборуваше со тага, но сеуште со оган!

Три години подоцна од сега е сосема јасно трагичните протести, и една година подоцна од неговата смрт, останува прашањето: ние, кој се нарекуваме негови ученици, подготвени ли сме да гориме? Што правиме и што мислиме да правиме додека одиме по патот, кој сега е сосема јасно, волно или неволно го осветли тој со неговиот творечки и човечки огин? Колку сме подготвени да влеземе во огнот на историјата и да ризикуваме да изгориме за да блеснеме?! Да, да, драги мои, за да се блесне, треба да се изгори! Немам одговори, и не ги барам од никого. Не знам овој огин колку е силен и колку може да трае, но знам што треба јас да направам за да не угасне! Онаа претстава што погоре ви ја спомнав, Прометејот на Ајсхил, заради мистериозни оклности (мистериите беа дел од него!) таа есен не продолжи со подготовките и никогаш не се реализира!

Пред петнаесетина години кога го снимав телевизискиот серијал ``Феномен Театар`` во архивата на струмичкиот театар го пронајдов инспициентскиот текст со оригиналните забелешки, адаптации и режисерски идеи и напатствија на Љубиша Георгиевски што ги правел за време на пробите. Генијални се! Го чувам дома. Се мислам, кога ова зло ќе помине и Македонија ќе биде слободна земја за творештво, и кога ќе можам со некого да разговарам во мојот матичен театар во Струмица, во чест на Љубиша, со неговите забелешки да ја довршам претставата ``Прикованиот Прометеј``?! Знаете нели за што се работи во претставата? Прометеј, затоа што го украл огнот од Боговите и им го дал на луѓето како негов дар, Боговите го казниле да биде прикован на карпа. Дење гавраните да му го колват џигерот во најголеми маки, а ноќе да му се обновува! Другиот ден продолжува агонијата - заради огнот! Како што цитираше Љубиша: блескав, затоа што горев!




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани