Две вести иста тема различен став - некој го лула бродот на хармонијата или демагогија? АВМУ: Советот одлучува самостојно, без какво било влијание ЗНМ: Директорот на АВМУ непрофесионално етикетира медиуми
  Објавено на
share

 Две вести иста тема различен став - некој го лула бродот на хармонијата или демагогија?

АВМУ: Советот одлучува самостојно, без какво било влијание

ЗНМ: Директорот на АВМУ непрофесионално етикетира медиуми

 

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги категорично ги отфрла наводите на Здружението на новинарите на Македонија дека директорот на Агенцијата, на седницата одржана на 15 јули, се обидел да влијае на членовите на Советот да донесат одлука на штета на телевизите„ Алсат-М“ и ТВ „Телма“.

„Советот на Агенцијата, како што е утврдено со закон, одлуките ги носи со мнозинство гласови од вкупниот број членови, врз основа на материјали подготвени од стручната служба. Извештаите за надзор, меѓу другото, содржат констатации од надзорот, опис на прекршувањето и предлог-мерка. За време на одржувањето седница вообичаена пракса е да се отвори дискусија по точките на дневен ред, во чии рамки се изнесуваат одделните мислења и ставови и се споделувааат сознанија и информации поврзани со материјалите што се дискутираат. На споменатата седница Советот едногласно донесе одлука да се поведат прекршочни постапки против ТВ ‘Телма’ и ‘Алсат-М’ поради прекршување на изборниот молк.
Обраќањето на директорот на Агенцијата во врска со прекршувањето на ТВ „Телма“ на изборниот молк, во кое тој изнесува добиени информации, не може да се толкува како обид за влијание. Напротив, членовите на Советот треба да бидат запознаени со сè што се случува во медиумската сфера, особено кога станува збор за сериозни прашања, како вршење притисок врз медиумите. Ваквите прашања треба да бидат во фокусот на јавните дискусии и наместо да се жигосуваат оние што ги обелоденуваат информациите, релевантните страни треба да вложат напори за нивно надминување и да ги поттикнат оштетените субјекти да ги процесираат пред надлежните органи“, се вели во реакцијата на Советот на АВМУ.

 

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, непрофесионално етикетира медиуми. Тој на 27. седница на Советот, одржана на 15 јули, во дел од своите образложенија за покренување  прекршочни пријави против ТВ Телма и Алсат М, се обидел да влијае на советниците да донесат одлука на штета на медиумите, соопшти Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Од таму велат дека со цел поблиску запознавање со состојбата, биле во контакт со менаџментот и новинарите на ТВ Телма, која беше еден од засегнатите медиуми против кои беше покрената прекршочна пријава, но и со менаџментот на АВМУ.

„Следејќи ги и официјалните јавно достапни записници за работата на Советот на АВМУ, цениме дека директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, на 27седница на Советот, одржана на 15.7.2020, во дел од своите образложенија за покренување прекршочни пријави против ТВ Телма и Алсат М се обидел да влијаел на советниците да донесат одлука на штета на медиумите користејќи лични квалификации и констатации, без да приложи докази. Тој според записникот, прераскажува телефонски разговори кои ги имал со менаџментот и новинари на двете телевизии, што е невообичаен начин на комуникација и притоа дава негови субјективни квалификации. Со тоа негативно влијае врз имиџот на овие новинари и уредници, што е недозволиво за прв човек на една регулаторна агенција“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Понатаму, се додава во соопштението, тој укажува дека имал пријава од директор на една од петте телевизии (ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат М или ТВ Алфа), без да посочи од која телевизија и вели дека врз тој директор „бил вршен жесток притисок од страна на владејачка партија да биде објавена прес-конференција на министерот Филипче зошто наводно тоа ќе донело големи политички поени“.

„Трајчевски во записникот додава дека ‘таа телевизија го одбила барањето како што направиле 115 медиуми во нашата држава, освен овие два медиума (Телма и Алсат), коишто сакаат да се прикажат себеси професионални, а Агенцијата дека работи тенденциозно против јавниот интерес’. На барање на ЗНМ да ни бидат дадени на увид докази кои сведочат за таков тип притисок, од АВМУ ни укажаа дека за наводниот притисок кон споменатиот директор на национална телевизија биле известени Делегацијата на ЕУ во Скопје, како и техничкиот премиер Оливер Спасовски“, велат од ЗНМ.

Од Здружението потенцираат дека вршење притисок врз медиум е сериозно дело и наместо да ја прераскажува таа пријава од директор на една телевизија, на седница на советот, директорот Трајчевски требал да ги приложи доказите до советот, а АВМУ да се обрати до надлежните институции и органите на прогонот да поведат соодветна постапка.

„Постапување на овој начин, со лично етикетирање медиуми и нивната професионалност во политички контекст, сето тоа без приложени докази, е непрофесионално и тенденциозно од страна на директорот на АВМУ, во случајов на штета на ТВ Телма и Алсат М“, се наведува во соопштението.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани