КАКО ХРВАТСКА ВО ЕУ СТАНА МАКЕДОНИЈА ВО ЈУ
  Објавено на
share

 

КАКО ХРВАТСКА ВО ЕУ СТАНА МАКЕДОНИЈА ВО ЈУ

На една страна се богатите или штедливите или цициите, а на другата страна се разузданите и неодговорни јужњаци кои попрво би арчеле туѓи, со пот заработени пари. Постои само една разлика. До крајот на 80-тите години, ние бевме северот и ние бевме цициите. А сега - фала на прашање - ние сме југот и ние сме мрзите.

„Ако сте живееле во Југославија во 80-тите, тогаш ви е јасно што се случува во Европската Унија денес“, концизно и мајсторски го срочи тој парадокс македонско-виенскиот макроеконономист Владимир Глигоров. Бидејќи, кој да има макар и површно сеќавање на политиката на Југославија во декадата спроти нејзиното распаѓање, не може да го избегне неугодното а занимливо чувство на дежа ву. 

Да го тргнеме настрана тоа што повторно имаме некоја (кон)федерација, што „републиките“ повторно имаат право на вето, што повторно имаат свои делегати и што проблемите повторно се решаваат со алармантни, ноќни самити. Да ја тргнеме настрана и слатката коинциденција, а тоа е ротирачкото претседателство (кое во СФРЈ траеше 12, а не 6 месеци).

Она што им е заедничко на Југославија од 80-тите и на Унијата денес е длабокото чувство дека тука секој секому му ја дере кожата. Едни се жалат дека се прегазени со туѓи производи, други дека им е окупирана продажната мрежа, трети кукаат на недостаток на солидарност кај „штедливите“, четврти се жалат дека неразвиените од нив живеат како пијавици. Она што некогаш се викаше „фондови за неразвиени“, сега се вика „структурни фондови“ и фондови за обнова.

Секој е незадоволен и зловолен, секој мисли дека другиот му ја сече ќесата а на двете страни на полемиката се истите две страни кои ги запознавме, да речеме, во 1986 година. На една страна се богатите или штедливите или цициите, а на другата страна се разузданите и неодговорни јужњаци кои попрво би арчеле туѓи, тешко и со пот заработени пари. Дури и страните на светот се исти: северот (пак) е север а југот (нормално) југ. 

Постои само една разлика. Тааа за Унијата е мала и небитна ама за нас, богами е интересна. Имено, до крајот на 80-тите години, ние бевме северот и ние бевме цициите. А сега - фала на прашање - ние сме југот и оние трошаџиски мрзи. До 80-тите, Хрватска, ете, беше Хрватска а сега е, да речеме Косово. Или, нека биде Македонија а Косово да биде, што, Бугарија?

На сите нам кои ја паметиме терминалната фаза на распадот на Југославија, мораше иронично да ни звучи дискурсот на триумфализам со кој старо-новиот премиер Пленковиќ се врати од неколкудневните преговори во Брисел. Ги поздрави граѓаните со најубавиот подарок кој Дедо Мраз може да ти го донесе - 22 милијарди евра. „Фондот за неразвиени“ ќе не посипе со милиони.

И ако, што се однесува до мене. Бидејќи тие пари не се ништо друго туку вториот дел од дилот - дил кој секојдневно го гледаме кога проаѓаме покрај Кауфланд и Лидл, кога подигнуваме пари од австриските банки, кога точиме бензин на унгарските пумпи и му плаќаме за интернет на германскиот телеком. Штедливите и развиените добија многу. Тие како мравка ги згмечија никулците на хрватската индустрија, па кога е веќе така, нека ги подбутнат сега малку оние кои ќе ги купуваат нивните автомобили, кредити, сирења и тарифни пакети.    

Но, што на ова би го рекле сите оние силни дивизии на хрватски публицисти, економисти и аналитичари кои во текот на 40 години изградија мит за јужњачките, балкански дерикожи? Би рекле ли и сега дека „Косово“ (пардон, Хрватска) ги цица вредните, развиени северњаци? Дали сега оваа Хрватска греши а тогашната, штедливата Хрватска беше во право? Или е обратно? Или, да ја поставиме работата најдрастично, дали се во право денешните европски штедливци, да речеме Холандија, или беа во право тогашните мрзи, да речеме - прости ми боже, пу, пу - Србија?

Не е проблем што на овие прашања немаме одговор. Проблем е што во Хрватска овие прашања не се ни поставуваат. Земјата која со децении го градеше сопственото економско самопоимање на митот за „експлоатираноста“ од страна на сиромашните, мазно и без вишок прашања влезе во нова кошула, на сиромашниот кој „експлоатира“ други.

А таа промена не побуди ни најмала рефлексија во општеството, никому на памет не му падна да ги рекапитулира наслагите на националната идеологија и од денешната позиција, со други очи да го види одамна протолкуваното минато.

Наместо тоа, фино ќе си се сместиме во новата улога. Ќе прифатиме дека по ново сме Косово (не, сори, Македонија). Фино ќе го заложиме утрешниот оброк, купен во Кауфланд или Лидл. Ќе биде тоа кременадла. Холандска кременадла во хрватскиот стомак.

Јурица Павичиќ

 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани