Американски професор -"Дали ова е добар начин за справување со вирусот?"
  Објавено на
share

Сериозен американски професор ги става под прашање актуелните драконски мерки за глобално заклучување на државите. Не затоа што знае дека тие мерки нема да успеат туку затоа што знае како се донесени - без минимум потребни податоци и факти. „Можеби сме слон кој е нападнат од домашна мачка па за да ја избегне, решава да скокне во провалија“, вели Џон Јоанидис од Стенфорд.

 

Актуелната ковид-19 криза ја викаме пандемија која се случува еднаш во сто години. Но, истовремено може да биде фијаско на податоците кое се случува еднаш во 100 години.

Во овој момент, од оние кои прават модели на ширењето на болеста, преку владите кои носат одлуки па до луѓето од кои се бара социјално дистанцирање, на сите очајно им требаат доверливи податоци врз основа на кои би носеле одлуки, би одредувале акции и би го мереле нивниот ефект.

Драконските мерки кои се спроведуваат од многу земји би можеле да бидат издржливи на краток рок но како оние што носат одлуки и политики ќе знаат дали со нив прават повеќе добро од лошо? Вакцината е со месеци (ако не и години) далеку од нас а последиците од долгорочен глобален катанец ни се апсолутно непознати. 

Ова фијаско на податоците создава неверојатна неизвесност околу ризикот за умирање од ковид-19. Официјалните бројки, меѓу нив и онаа на СЗО за смртност од 3,4% предизвикуваат хорор а се бесмислени бидејќи меѓу тестираните има диспропорционално повеќе лица со изразени симптоми и со лоши епилози. Повеќето здравствени системи имаат слаби капацитети за тестирање па неточната селекција ќе носи уште понеточни резултати во блиска иднина.

Единствена ситуција во која цела, затворена популација била тестирана се луѓето на крузерот Дајмонд Принсес. Кај нив стапката на смртност изнесува 1% но треба да се има предвид дека е тоа главно возрасна популација кај која фаталниот исход е далеку повисок од кај останатите.

Проектирајќи ја стапката на смртност од крузерот на возрасната структура на популацијата на САД, се добива проценка дека таа меѓу заразените ќе изнесува 0,125%. Бидејќи таа се темели на навистина мала група (700 заразени, седум мртви), реалната стапка на смртност би можела да се движи од од пет пати помала (0.025%) до пет пати поголема (0.625%). Разумно би било да се процени дека меѓу општата американска популација, стапката на смртност би се движела меѓу 0.05% и 1%.

Стапка на смртност меѓу широка популација од 0.05% е пониска од сезонски грип. Ако ова е вистинската стапка, заклучувањето на светот со потенцијално страшни финансиски и социјални последици може да испадне тотално ирационално. Тоа е како слон да биде нападнат од домашна мачка, па за да ја избегне, решава да скокне во клисура и да загине.

Професор Јоанидис потсетува на една серија аутопсии тестирани на респираторни вируси на 57 стари лица починати за време на грипот во 2016/2017. Вируси на инфлуенца се најдени во 18% од нив, додека некаков респираторен вирус дури во 47%. Со други зборови, позитивен тест на коронавирус не значи дека неопходно вирусот бил примарна причина за смртта.

Ако се претпостави дека стапката на смртност кај заразените е 0,3% во општата популација (средишна вредност од анализата на крузерот) а се зарази еден процент од американската популација, тоа би се превело во 10.000 смртни случаи. Тоа звучи како голема бројка но останува само дел од смртните случаи од грип и слично.

„Ако не знаевме дека надвор имаме нов вирус надвор, ако не ги тестиравме луѓето за тоа, вкупниот  бројот на смртни случаи од 'болести налик на инфлуенца' годинава немаше да ни се чини необичен. Во најлош случај, ќе забележавме дека оваа сезона на грип е нешто полоша од просечните. Медиумската покриеност ќе беше помала отколку за НБА натпревар меѓу два небитни тима.“

Концептот за „порамнување на кривата“ звучи разумно и теориски издржано - да се контролира волуменот на епидемијата за дa не дојде над прагот кој здравствениот систем може да го издржи. 

Па сепак:

„Ако здравствениот систем се преоптовари, мнозинството дополнителни смртни случаи нема да бидат од коронавируси туку од други вообичаени болести како што се инфаркти, мозочни удари, фрактури, крварења... кои нема да бидат адекватно третирани. Ако епидемијата навистина го преплави здравствениот систем а екстремните мерки дадат само скромни резултати, тогаш  рамнењето на кривата може да ги влоши работите: наместо системот да биде пребукиран во кратка, акутна фаза, тој ќе остане пребукиран во долг период. Тоа е една од причините зошто ни требаат податоци за точното ниво на епидемиската активност.“

Јоанидис не го пропагира но допушта можност да се случи и најцрното сценарио по кое ќе се заразат 60% од сите луѓе на планетава а еден процент од нив ќе умрат со што жртвениот биланс би го достигнал оној од шпанската грозница во 1918 година.

Но повторува, ако решаваме дали да скокнеме во провалија, очајно ни требаат податоци и факти колку е тоа разумно решение и дали можеме да паднеме на нешто меко.

Џон П.А. Јоанидис

Референци на авторот:

Јоанидис е професор по медицина, по епидемилогија и јавно здравје, по биомедицински науки и по статистика на Универзитетот Стенфорд и е ко-директор на центарот на Стенфорд за мета-истражувачки иновации.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани