Замислете ... преземено од статус на Филип Иванов
  Објавено на
share

Замислете, уствари не мора да замислите, сте поминале низ ова. Болен си, си пробал секако да си помогнеш, од ладни облоги, па се до чорапи со оцет, но никако да ја истераш болеста. И тогаш, јасно ти е, ќе мораш да одиш на доктор. Со оглед на состојбата во нашите чекални по нашите болници, и (не)културата која владее, се мислиш дали е поисплатливо да си умреш, отколку да минеш низ таа голгота. :) Се шалам.

Но, еве што ми е поентата. За своето здравје, спремен си да одиш, да чекаш неколку саати, па се буткаш, се расправаш, трпиш, па одиш на разни испитувања, па не јадеш ова или она, не пиеш ова или она, па даваш пари за секакви лекови и витамини, па стануваш ноќе зашто не смееш да ги прескокнеш апчињата, па ајде пак на контроли, чекални, нервози, итн. Сето ова, и многу повеќе, само да се дојде до доктор, и до оздравување.

Еве каде сме ептен чудни, и каде најмногу се покажува ова. Кога се работи за нашето духовно здравје, и за нашата душа, не сме ни половина толку упорни и ажурни во споредба. Болни сме, и самите не можеме да си помогнеме никако, иако сме пробале, па доаѓаме до тоа дека ќе мора да се оди во црква, и да се бара Лекарот. Само кога се работи за одење во црква кај Лекарот, не ни се оди ни километар-два. Не ни се станува насабајле. Ладно е, па врне, па жешко е, па камења паѓаат... Исто така, нејќеме да се најдеме помеѓу други духовно слаби и разболени луѓе, кои исто така чекаат на свое исцеление од Лекарот, кој ќе ги трпи, кој ќе се расправа со нив додека чекаме. Остај тоа, и персоналот знае да биде нељубезен, да брза ваму-таму, да не може баш тебе да те пикне преку ред. На крај, ако истраеме и поминеме низ тие пречки, и конечно се сретнеме со Лекарот, замислете, многу пати нема да ни даде некаков магичен лек, или да направи абра-кадабра и да не излечи инстантно, та да си излеземе од таму целосно безгрижни за тоа како ќе продолжиме да го живееме животот. Не, има лек, ама има и упатства, има промени кои треба да се направат, има стари навики и нешта што треба да се одбегнуваат, има и нови навики и нешта што треба да се применуваат. Па секоја недела редовни контроли, секој ден режим на исхрана и лекови, па дополнителни советувања, па цело време комуникација со Него, па ова и она... И, затоа што сето ова ни изгледа премногу и премачно, а и да бидеме реални, духовното здравје и душата баш и не ни се приоритет, на крај си викаме - „абе кој ќе се малтретира сега, до кај тера - тера, после ако треба нека се умира, што, другите поарни да не се?“. И така лефтерно (не)свесно се откажуваме од Лекот, и од Лекарот.

Сфативте што сакам да кажам, и за жал ова не е ретка слика. Од Писмото едно знам - секој што примил исцеление од Христос, без разлика дали се работи за дух, душа, или тело, секој од тие луѓе биле „очајни“, и биле спремни да поминат преку било какви пречки, да истрпат било какви луѓе, да направат сn4; што треба да се направи, само да дојдат до Лекарот над лекарите, и да го примат своето исцеление и спасение. И, да, после тоа да научат и да благодарат, и да го живеат своето исцеление. 😁

Господи помилуј.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани